Таг : тренинг

Бразилска капуера за фит форма

Спортот треба да биде составен дел на животот на секој поединец кој се грижи за своето здравје и тело. Не џабе старата поговорка вели: “Во здраво тело здрав дух”. Бенефитите од спортувањето се многубројни. Со спортот не само што се ослободуваме од стресот и напнатоста, туку ја подобруваме и меморијата и концентрацијата, како и физичката кондиција и спремност.

 

Но што кога едноставно не се пронаоѓате во ниедна класична спортска вештина? Дали тоа значи дека сте мрзливци и сте однапред осудени на доживотно дебелеење и грицкање чипс пред телевизорот? Секако дека не!

 

И ние полека, но сигурно, стануваме дел од светските спортски текови, па така, дозволете ни да ви ја претставиме капуерата – бразилска боречка вештина, која е уникатен спој од музика и борба. Истата е совршено решение за сите оние кои би сакале да бидат во одлична физичка форма, сакаат музика и танц, но класичните спортови им се здодевни и не се пронаоѓаат во нив.

 

Капуерата настанала во седумнаесеттиот век во Бразил помеѓу африканските робови кои работеле на плантажите. Бидејќи во тоа време отворен бунт се казнувал, робовите се досетиле своите боречки движења да ги замаскираат со музика, пеејќи на нивите и плантажите додека тренирале. И така се родиле зачетоците на оваа фасцинантна вештина.

 

По укинување на ропството во 1888 година, ослободените робови се распрснале во низа бразилски градови, а бидејќи биле без работа, започнале да основаат банди и да се занимаваат со криминал. Со тоа капуерата била ставена на “црна листа” и прогласена за илегална, а секој кој бил фатен како вежба, бил казнуван со сечење на Ахиловата петица. Капуерата била забранета сé со 1932 година, кога Бимба го основа првото капуера училиште во светот. Само пет години подоцна, бразилскиот претседател ја прогласува капуерата за национален спорт на Бразил!

 

 

Интересно е што капуерата секој различно ја дефинира. За едни таа е боречка вештина, за други танц,  и секој има право да ја именува и чувствува како ќе посака. Суштината е во тоа што капуерата го нуди најдоброто од боречкиот и музичкиот свет. Таа е вистинска активност за намалување на стресот. Ни помага да се опуштиме и полесно да се справиме со секојдневието. Воедно, со вежбање капуера стекнувате кондиција, флексибилност, го развивате чувството за ритам, координација и ги подобрувате рефлексите.

 

Според една легенда, самиот збор капуера е изведен од зборот “capon”, што значи кастриран петел. По таа теорија, оваа боречка вештина го добила ова име токму поради тоа што движењата на учесниците неодоливо потсетуваат на борба на петлови. Една друга теорија пак вели дека името потекнува од зборот “capa”, голема, округла кошница која робовите ја носеле на главата, продавајќи садови. Капуерата се игра така што учесниците, односно капуеристите прават круг во кој потоа двајца по двајца се изменуваат во свирењето, пеењето и симулирањето борба. Секој кој има можност да ги погледне тие сцени, посведочил дека се величествени, особено ако се одигруваат на отворен простор.

 

Целта на капуерата не е нанесување на агресивни удари на противникот. Движењата се карикираат, односно не ескалираат во насилство. Самата капуера е животна филозофија која нé учи како да победуваме, а да не повредиме некого, но и како да го прифатиме поразот достоинствено.

 

Секој може да тренира капуера. Годините и полот не се битни, а не ви е потребно ни да бидете во врвна физичка концидија, затоа што е најбитно да имате волја и желба. Сé друго ќе постигнете со залагање и упорност.

 

Освен тоа, со капуерата имате уникатна можност да се запознаете со бразилската култура и јазик и преубавата музика, а со тоа ви се отвораат портите на еден сосема друг свет. Капуерата не е само акробации, борбени движења и танц – таа е фасцинантен начин на живот. Или, како што еден стар капуера мајстор има речено: “После сé во животот, во срцето ми останаа само емоциите и капуерата”.

 

 

Затоа, драги наши, оваа есен дозволете си да се размрдате, да научите нешто ново и да му подарите на вашето тело и ум незаборавно капуера искуство во Бразилскиот Културен Центар, во срцето на Скопје (Дебар Маало). Центарот ви нуди капуера за деца, како и капуера за возрасни. На располагање ви се и утрински капуера програми, по три или по пет пати во неделата. И сето тоа по симболични промотивни цени, од 590 до 890 денари! Зделката ве очекува тука. 

 

Вежбајте, пејте, танцувајте, забавувајте се со одлична музика и тренирајте. Дозволете ѝ на капуерата да стане дел од вашиот ден. Веруваме дека ќе успее да ви го разубави животот на начин на кој не сте ни сонувале. Среќно! 🙂